<

Третман на инфантилни колики со L.Reuteri

Бебешките грчеви или инфантилни колики од непозната причина се една од најчестите состојби која се појавува кај 1 од 5 новороденчиња помали од 3 месеци. Претставува особено стресна ситуација за доенчето, но и за целото семејство и претставува честа причина за педијатриска ургентна консултација

Бебешките грчеви или инфантилни колики од непозната причина се една од најчестите состојби која се појавува кај 1 од 5 новороденчиња помали од 3 месеци. Претставува особено стресна ситуација за доенчето, но и за целото семејство и претставува честа причина за педијатриска ургентна консултација, а неретко води и кон несакани исходи како мајчина депресија или прекинување на доењето.

Инфантилните колики се дефинирани како повторувачко и несопирливо плачење кај доенче кое на преглед изгледа добро и добро напредува. Во клиничката пракса  за нивно дијагностицирање најчесто се користи Wessel-овото правило на три, односно плач кој трае >3 часа дневно, >3 дена во неделата и најмалку 3 последователни недели, а според Rome IV критериумите е класифицирано како функционално гастроинтестинално пореметување. Несопирливото плачење вообичаено започнува неочекувано, без очигледна причина и не може да биде запрено нити пак превенирано. Иако се верува дека е состојба која со тек на време самата ќе помине се повеќе докази укажуваат на поврзаност на инфантилните колики со различни нарушувања во однесувањето подоцна во детството.

И покрај опсежните истражувања со цел разјаснувње на причините и механизмите за настанување на инфантилните колики, етиологијата не е сосем позната и се смета дека е мултифакториелна, односно влијание имаат различни неврогени, гастроинтестинални, микробиолошки и психосоцијални фактори.

Во изминативе неколку години особено истражувањата се фокусирани кон микорбиолошките причини и се спроведени голем број на студии кои покажале дека гастроинтестиналната микрофлора, односно збирот на микрорганизми во цревата се разликува кај доенчињата кои манифестират грчеви и оние кои не манифестираат. Имено доенчињата со колики имале значително помала концентрација на бактерии од типот на лактобацили споредено со доенчињата без колики, укажувајќи на потенцијалната моќ на пробиотиците во третманот на коликите. Оваа дизбиоза или пореметена цревна микрофлора доведува до пореметување на цревниот мотилитет, односно појава на болни грчеви и зголемено создавање на гасови во цревата.

Пробиотиците претставуваат живи микроорганизми кои внесени во организмот на човекот во одредена количина имаат корисен ефект за неговото здравје.

Направени се многу студии за испитување на ефектот на L.reuteri во третманот на инфантилните колики. Исто така се спроведени и неколку мета-анализи, односно анализа на сите релевантни, објавени студии од интерес со цел обезбедување на највисоко ниво на докази, како и препораки за ефикасен третман.

Давањето на L.reuteri обезбедува колонизација (населување) на цревата со корисни бактерии, ја модифицира цревната микрофлора и влијае на имунолошкиот статус на доенчето.

Резултатите од студиите јасно го потврдуваат бенефитот од давањето на L reuteri  DSM17938, со тоа што било забележано значајно намалување на периодот на плач и вознемиреност кај новородените и доенчињата со колики кои се на исхрана со мајчино млеко. Ефектот на на L reuteri  DSM17938 бил докажано подобар од различните други третмани вклучувајќи специјални млечни формули, останати лекови, растителни препарати, масажа, манипулација итн. 

Освен тоа спроведувани се студии за употребата на L reuteri  DSM17938 во превенција на појавата на колики кај доенчињата започнувајќи со негово секојдневно давање од раната новороденечка возраст. Резултатите потврдиле значајна корист, и тоа намалена појава на грчеви, намалена потреба од педијатриски консултации и одржување на континуитет на доењето.   

Според досегашните податоци, спроведени студии, систематски ревии и мета-анализи како највисок степен на докази, L reuteri  DSM17938 претставува единствен пробиотик со јасно докажан ефект во третманот на инфантилните колики.  Освен тоа, употребата на L reuteri  има потенцијална корист и кај превенција на појавата на колики.

Литература:

  1. Sung V, D'Amico F, Cabana MD, Chau K, Koren G, Savino F, Szajewska H, Deshpande G, Dupont C, Indrio F, Mentula S, Partty A, Tancredi D. Lactobacillus reuteri to Treat Infant Colic: A Meta-analysis. Pediatrics. 2018 Jan;141(1):e20171811. doi: 10.1542/peds.2017-1811
  2. Gutiérrez-Castrellón P, Indrio F, Bolio-Galvis A, Jiménez-Gutiérrez C, Jimenez-Escobar I, López-Velázquez G. Efficacy of Lactobacillus reuteri DSM 17938 for infantile colic: Systematic review with network meta-analysis. Medicine (Baltimore). 2017 Dec;96(51):e9375. doi: 10.1097/MD.0000000000009375
  3.  Chau K, Lau E, Greenberg S, Jacobson S, Yazdani-Brojeni P, Verma N, Koren G. Probiotics for infantile colic: a randomized, double-blind, placebo-controlled trial investigating Lactobacillus reuteri DSM 17938. J Pediatr. 2015 Jan;166(1):74-8. doi: 10.1016/j.jpeds.2014.09.020
  4. Sung V, Hiscock H, Tang ML, Mensah FK, Nation ML, Satzke C, Heine RG, Stock A, Barr RG, Wake M. Treating infant colic with the probiotic Lactobacillus reuteri: double blind, placebo controlled randomised trial. BMJ. 2014 Apr 1;348:g2107. doi: 10.1136/bmj.g2107

Savino F, Ceratto S, Poggi E, Cartosio ME, Cordero di Montezemolo L, Giannattasio A. Preventive effects of oral probiotic on infantile colic: a prospective, randomised, blinded, controlled trial using Lactobacillus reuteri DSM 17938. Beneficial Microbes. 2015 Jan 1;6(3):245-51. doi: 10.3920/BM2014.0090

posts_form

Контакт форма